Министерството за здравство информира дека денеска претпладне, во Воено Медицинската Академија (ВМА) во Белград, почина Стојанче Стефанов (2001) од Кочани, еден од најтешко повредените во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“. Според официјалните информации, тој подлегнал на тешките телесни повреди, вклучително и 27% изгореници и сериозни компликации од вдишување чад.
Стојанче бил хоспитализиран во ВМА уште од првиот ден по несреќата, каде бил примен во критична состојба и интубиран. На 4 април бил подложен на хируршка интервенција и бил поставен на ЕКМО апарат – напредна медицинска поддршка што овозможува оксигенација на крвта кога белите дробови не функционираат.
И покрај вложените напори на медицинскиот тим во Белград, пациентот целата хоспитализација ја поминал во нестабилна и тешка здравствена состојба.
Министерството за здравство во своето соопштение изрази најдлабоко сочувство до семејството на Стојанче Стефанов, како и до сите погодени од трагедијата во Кочани.
Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот се зголемува, а истрагата и понатаму е во тек со повеќе полициски службеници опфатени како осомничени за евентуални пропусти.