Апелациониот суд во Скопје донесе конечна одлука со која делумно ја усвои жалбата на Зијадин Села и ја зголеми отштетата за нематеријалната штета што ја претрпел за време на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.
Според пресудата, државата треба да му исплати вкупно 7,8 милиони денари поради повреда на неговите лични права, физичкото и менталното здравје, достоинството, честа и угледот.
Апелациониот суд оценил дека првостепениот суд не ја утврдил доволно сериозноста на последиците од нападот и не ги зел предвид сите околности при определувањето на правичен надомест.
„Износите утврдени во првостепената пресуда не ја исполнуваат целта на обештетување, не овозможуваат вистинско надоместување и не ја одразуваат сериозноста на повредите што ги претрпел тужителот како резултат на критичниот настан“, се наведува во образложението.
Од вкупната сума, 1,5 милиони денари се определени за физичка болка, 900.000 денари за претрпен страв, а три милиони денари за душевна болка поради намалена општа животна активност.
Дополнително, Села ќе добие по 600.000 денари за душевна болка поради обезличување, за повреда на личното достоинство, за повреда на честа и за повреда на угледот.
Судот ја отфрлил како неоснована жалбата на Државното правобранителство, кое барало укинување на пресудата и повторно судење.
Села со граѓанската тужба првично побарал вкупно 61 милион денари отштета за последиците од нападот во Собранието на 27 април 2017 година.
