Уставниот суд на Зимбабве одлучи дека границата за согласност за сексуален однос треба да се подигне на 18 години. Со тоа, Судот ги прогласи за неуставни претходните одредби од Кривичниот законик, според коишто, границата за согласност беше 16 години.

– Оваа пресуда гарантира заштита на девојчињата помлади од 18 години. Во минатото имавме постари мажи кои ги експлоатираат девојките. Педофилите се извлекуваа со злоупотребите!, појасни Талент Џумо, раководителка на здружението „Сестринство Кацве“, коешто се бори за правата на девојчињата.

Според одлуката на судот, министерот за правда и Собранието имаат рок од 12 месеци „да донесат закон со којшто се штитат сите деца од сексуална експлоатација, согласно одредбите на Уставот“.

Иницијативата пред судот за подигање на старосната граница ја покренаа две жени, кои стапиле в брак додека сѐ уште немале наполнето 18 години. Јавноста ја поздрави пресудата, бидејќи прогласувањето за незаконски сексуални односи со малолетници треба да ја намали појавата на тинејџерски бремености и бракови кај децата. Како последица на сѐ тоа, стотици девојчиња мораат да го напуштат училиштето.

Властите и групите за човекови права велат дека бројот на такви случаи дури и се зголемил за време на пандемијата на коронавирусот. Адвокатот Тендај Бити, кој ги застапува двете жени во судот, рече дека пресудата веројатно нема целосно да ја спречи злоупотребата на деца, но ќе го намали бројот на такви случаи.

Во 2016 година, Уставниот суд на африканската држава го забрани бракот пред девојката да наполни 18 години, откако ги разгледа одредбите од Законот за брак кои дозволуваа и бракови меѓу малолетници.