Жителите на Ново Маало, во соопштение до јавноста, велат дека се крајно револтирани од постапките на советничката група „Шанса за Центар“ и Јана Белчева кои продолжуваат да ги манипулираат граѓаните на Центар.
„Неверојатно е како продолжуваат да ни оневозможуваат на нас граѓаните од Ново Маало да си ги оствариме нашите права, токму како што Белчева си ги остварува своите. Белчева од удобноста на својот дом заради политички поени спречува ние да имаме хумани услови за живот, но пострашно од тоа е што лицемерно се бори само против нашите градби, додека премолчува градби кои се од нејзин личен интерес.
Крајно сме револтирани од ваквиот однос и во следниот период ќе ги изнесеме на виделина сите манипулации кои ги прави и се прикажува како наводен борец за хумана животна средина додека самата ги ужива поволностите на градењето за свои потреби.
Ги повикуваме веднаш да се повлечат од идејата за понатамошни блокади бидејќи со почетокот на градбата на проектот ние жителите на Ново Маало во целост ги решаваме 50-годишните проблеми кои генерации од нашите семејства не успеваа да ги надмината. Доста ни е живот во кал и нерешени основни комунални проблеми во сред Центар на градот“, стои во реакцијата на жителите на Ново Маало.