Започна зимското сметање на времето, а се почести се дискусиите дали оваа практика треба да се укине.

Иако дополнителен час сон звучи примамливо, бројни студии покажаа дека движењето на часовникот го нарушува природниот циклус на спиење, што може да влијае на менталното и физичкото здравје.

Човечкиот мозок има биолошки часовник, или деноноќен ритам, кој работи во 24-часовен циклус, а нарушувањето на овој ритам може да доведе до поголем ризик од кардиоваскуларни болести, тврдат невролозите.

Нашиот внатрешен часовник ги оптимизира телесните функции, како што се варењето и лачењето на хормоните, а светлината е еден од најсилните двигатели на овој внатрешен часовник. Поголемата изложеност на светлина наутро и помалата изложеност навечер помагаат овие функции да бидат синхронизирани.

Нарушувањето на природниот деноноќен ритам може да придонесе за дебелина, дијабетес и срцеви заболувања, потврдија неколку студии.

Студијата од 2019 година покажа дека ризикот од срцев удар се зголемува по летното сметање на времето. Резултатите од друга студија од 2020 година сугерираат дека менувањето на часовникот е поврзано со поголем ризик од кардиоваскуларни болести, ментални и проблеми во однесувањето и нарушувања поврзани со имунолошкиот систем, известуваат Brain and Life.

Поради овие здравствени ризици, Европската комисија официјално предложи во 2018 година да се укине практиката на поместување на часовникот во Европската унија, но тоа се уште не се случило, пренесува Ekspres.net.