Во Македонија се потврдени 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, со што вкупниот број на регистрирани жаришта од почетокот на годината достигна 17, со повеќе од 2.700 приемчиви животни. Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), новите случаи се регистрирани во Саса (Македонска Каменица), Соколарци (Чешиново–Облешево), Бигла и Косевица (Делчево), Малино (Свети Николе), Сопот (Куманово), како и во селото Цера. Од институцијата нагласуваат дека болеста не претставува опасност за луѓето, но предизвикува сериозни последици врз сточарството.
Болеста сипаници кај овци и кози не се пренесува на луѓето. Сите мерки што се преземаат имаат цел да се спречи понатамошното ширење на заразата и да се заштити сточниот фонд- информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Досега се депопулирани (усмртени) повеќе од 1.400 животни, а постапката продолжува и во новопотврдените жаришта веднаш по обезбедувањето соодветни локации за нивно нештетно отстранување. Во текот на вчерашниот ден беше спроведена депопулација и на заразеното одгледувалиште во селото Сопот, Куманово.
АХВ воведе низа заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста. Забрането е движење и транспорт на овци и кози во заштитните зони, освен во строго контролирани случаи за колење во одобрени кланици. Воедно, на целата територија на државата е забранета работа на добиточните пазари за овци и кози, како и организирање изложби и други собири на овие животни.
Сопствениците се должни секој сомнеж за заболување или угинување на животни да го пријават во рок од 24 часа до надлежното ветеринарно друштво или официјалниот ветеринар- апелираат од АХВ.
Одгледувачите се задолжени да применуваат строги биосигурносни мерки – ограничување на движењето на лица и возила, задолжителна дезинфекција, користење заштитна опрема и водење евиденција за сите влегувања и излегувања од фармите.
Агенцијата појаснува дека суровото млеко и производите од овчо и козјо млеко од заштитните зони може да се пуштат во промет само по соодветен термички третман (пастеризација).
