Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 13 евидентирани пожари на отворен простор, од кои утрово три се уште се водат како активни, додека не се добие потврда од терен дека се целосно изгаснати.
Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека пожарот што започнал во текот на вчерашниот ден над село Ѓермо, Општина Тетово на Национален парк „Шар Планина“ е локализиран. Само на едно место има малку чадење, а интервенираат на терен две лица од националниот парк за целосно да биде целосно изгаснат.
Со пожарот била зафатена букова шума, папрат и сува трева. Зафатената површина со пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени. Пожарот во Национален парк „Маврово“ поточно во село Жировница е ставен под контрола. Со пожарот била зафатена, според првите проценки, околу 17 хектари високопланинска трева, смреки и дел од букова шума.
-Во текот на вчерашниот ден во гаснењето на пожарот интервенирале пет лица од Национален парк „Маврово“, а заради непристапноста на теренот од страна на градночалникот на Општина Маврово-Ростуше беше побарано од ЦУК употреба на воздухоплови за гаснење на пожарот. Во гаснењето на пожарот интервенираше еден хеликоптер на МВР, што реализираше пет прелети и пожарот го стави под контрола. Екипата која е на терен до вечерните часови целосно го локализира пожарот, велат од ЦУК.
Денеска, пак, од раните утрински часови, пожарникарите од ТППЕ Гостивар со три пожарникари и едно ПП возило интервенираат на запалена депонија во село Чегране. Екипата е се уште таму и ќе дежура доколку се разгорат повторно делови од згаснатата депонија.
-Инаку, во последното деноноќие биле изгаснати 10 од вкупно 13-те пожари на отворен простор во општините: Битола, два пожара, во населба „Буковски Ливади“ и село Велушина (горела ниска вегетација), Прилеп, кај село Беловодица (ниска вегетација), Ресен, кај село Долна Бела Црква (ниска вегетација), Охрид, покрај улицата. „Радојца Новичич“ (ниска вегетација и стрништа), во Струга, позади „НАБИЗИ“ (ниска вегетација), Македнска Каменица, село Дулица (дабова мешана шума со габер), Тетово, помеѓу Тетово и Карпалак (ниска вегетација), Крива Паланка, кај село Луке на месноста „Јанковце“ (букова шума и сува трева) и во Општина Ресен, кај село Крани (горела ниска вегетација), се вели во денешното известување од ЦУК.
Во Центарот имало вкупно 2 160 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 55,56 %, а 44,44 % биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон Полиција биле упатени 63,56 %, кон Итната медицинска помош 28,81% а кон пожарникарите 7,63 % од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 960 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици и на именуваните како „неитни повици“.
-Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК), велат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму апелираат и потсетуваат, да не се пали вегетација на отворено, за редовно чистење на локалните одводни канали, а и да не се фрлаат отпадоци во нив.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации, а и кога ќе се најдат неексплодирани убојни средства (гранати и слично) од минатите војни. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.