Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза, потпишаа вчера коалициските партнери од власта. На средбата, што се одржа во Владата, исто така, беше одлучено следните парламентарни избори да се одржат во редовниот термин во 2024 година, со што се испрати одговор на барањето на опозицикста ВМРО-ДПМНЕ која на проетст во саботата го испорача ова барање и најави протестно лето се до негово исполнување. Во однос на францускиот предлог за македонско-бугарскиот спор и деблокада на нашите евроинтеграции, официјален став ќе биде соопштен откако тој ќе биде усогласен од земјите членки на ЕУ и доставен официјално до Република Северна Македонија.
Како што изјави премиерот Димитар Ковачевски, целта на Декларацијата е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна.
– Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговор на кризата преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, истакна Ковачевски на прес-конференцијата по средбата.
Нагласи дека за нашиот евроинтеграциски процес се реафирмирани позициите дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот Парламент.
– Ја реафирмиравме и нашата посветеност во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите, посочи Ковачевски и додаде дека целосно се отфрлаат деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите.
Тој ја повика опозицијата да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом и рече дека политичкиот дијалог со опозицијата околу прашањата од највисок национален интерес треба да се одвива на конструктивно ниво во рамки на демократски избраните институции.
Коментирајќи ги најавите за блокади од опозицијата премиерот повтори дека како човек и како политичар не прифаќа уцени, при што упати критики до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за работата во општините со кои управува.
– Не зборуваме за блокада два месеци, туку за блокада на Собранието од страна на опозицијата од пред две години. Ова е единствена неодговорна опозиција во цела Европа која што наместо низ дијалог во Собранието и во собраниските комисии каде што е местото за носење и унапредување на законските решенија да направи повеќе за граѓаните, единствено што прави е блокирање на законите кои што се од интерес на граѓаните и компаниите, рече Ковачевски, апелирајќи до опозицијата да биде на ниво на задачата и непречено да се носат сите закони од интерес на граѓаните и на компаниите.
И во услови на голема политичка криза, како што рече, ќе се функционира како и досега и оти ќе се носат антикризни мерки и решенија за поддршка на граѓаните и стопанството. Граѓаните, оцени премиерот, се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари и, како што рече, во овој период очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес.
Во реакција на прес конференцијата на Димитар Ковачевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведе дека е скандал тоа што политички лидери прават состаноци во влада и ја партизираат.
– Лидерите на политичките партии дел од коалицијата на власта не се владини функционери, ниту министри за да се среќаваат во влада и да држат Коалициони состаноци. Владата е за владини состаноци, на премиерот и министрите, а не за претседателот на СДСМ, Ахмети и нивните коалицициски партнери, наведуваат во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ подолг период бара предвремени парламентарни избори, а тоа беше и клучното барање што го испорача завчера на протест во Скопје, од кој најави и целосна блокада на институциите, општините, процедури,…. доколку летово нема договор за избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најави дека ова лето ќе биде протестно и оти ќе прифати единствено средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара само за предвремени избори и за клучните прашања. Активната блокада на Собранието, што ја спроведуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски, ги дала очекуваните ефекти. Од партијата бараат избори со аргументи дека власта е неуспешна во политиките за евроинтеграциите на земјава, преговорите со Бугарија, а обвинуваат и за неспособност во справувањето со економско-енергетската кризи, како и за лоши состојби во здравството, образованието, правосудството.
На вечерашната прес-конференција во седиштето на ДУИ во Тетово, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека избори во оваа ситуација не се решение.
– Пред нас имаме една многу поблагородна мисија за граѓаните на Република Северна Македонија. Ние треба да ги започнеме преговорите со ЕУ. Пред нас имаме огромни значајни проекти, не само политички, не само економски, туку и геополитички и геостратешки, како што е Коридорот 8 и Коридорот 10, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Според него, во овие ситуации ни треба мобилизација и подобра организација како да се соочиме со овие кризи и како да направиме олеснителни околности за граѓаните во однос на менаџирањето на секојдневниот живот со цел што е можно полесно да се надмине кризата.