Невработеноста е намалена, а бројот на вработени расте
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека официјалните податоци за пазарот на трудот покажуваат позитивни поместувања и, според него, ги потврдуваат ефектите од економските политики што ги спроведува Владата.
Тој посочи дека во првото тримесечје од 2026 година во земјава биле евидентирани 707.385 вработени лица, додека во второто тримесечје од 2024 година нивниот број изнесувал 691.736.
„Тоа значи дека денеска во Македонија има близу 17.000 повеќе вработени лица“, рече Стојаноски.
Според него, стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
„Ова не се политички процени, туку официјални податоци од Државниот завод за статистика“, истакна Стојаноски.
Тој оцени дека бројките покажуваат оти се отвораат нови можности за младите, за невработените и за граѓаните кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Речиси 40 милиони евра за мерки за вработување
Стојаноски нагласи дека резултатите се поддржани со активни политики на пазарот на трудот, поддршка за домашните компании и привлекување нови инвестиции.
„Оперативниот план за вработување за 2026 година е вреден речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица“, рече тој.
Од вкупниот износ, како што посочи, повеќе од 32 милиони евра се наменети за создавање нови работни места.
Посебен акцент, според него, е ставен на младите.
„Со Оперативниот план е предвидено вклучување на речиси 6.000 лица до 29 години“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека за околу 3.500 млади лица до 23 години, вработени во производствени капацитети, е предвиден младински додаток од 3.000 денари.
Според него, преку обуки, практикантства, преквалификации и мерки за стекнување нови вештини, младите ќе добијат подобри можности за полесно вклучување на пазарот на трудот.
Поддршка за нови бизниси и нови работни места
Стојаноски рече дека преку мерката за самовработување и претприемништво се очекува отворање на повеќе од 2.000 работни места.
Дополнително, преку мерката за поддршка за креирање нови работни места треба да бидат опфатени уште над 1.500 лица.
„Само преку овие две мерки се обезбедува директна поддршка за повеќе од 3.500 нови вработувања“, посочи тој.
Тој потсети и на мерките реализирани во 2025 година, кога преку Програмата за самовработување со грант биле поддржани повеќе од 2.600 лица, од кои речиси 1.500 биле млади до 29 години.
„Како резултат на оваа поддршка беа отворени околу 2.200 нови деловни субјекти“, рече Стојаноски.
Тој нагласи дека целта не е само статистичко намалување на невработеноста, туку создавање одржливи и подобро платени работни места.
„Не велиме дека сите проблеми се решени. Потребни се уште работа, инвестиции и реформи. Но денес имаме јасни показатели дека преземените мерки даваат резултати“, изјави Стојаноски.
