Европската Унија и натаму останува најпосакуваната насока за Македонија, но истовремено расте перцепцијата дека односот на Брисел кон земјата е нефер, надмен и уценувачки, покажува истражувањето „Еврометар 2026“ на организацијата Еуротинк.

Според истражувањето, 65,7 отсто од граѓаните сметаат дека членството во Европската Унија е најдобрата алтернатива за Македонија. Помалку од една третина од испитаниците, пак, сметаат дека земјата треба да бара сопствен модел на развој надвор од Унијата.

Податоците покажуваат закрепнување на еврооптимизмот во државата. Најголем дел од граѓаните, 28,2 отсто, сметаат дека Македонија никогаш нема да стане дел од европското семејство. Од оние што очекуваат членство, 23,3 отсто веруваат дека тоа може да се случи во следните пет години, а околу 30 отсто очекуваат земјата да влезе во ЕУ во период од пет до 14 години. Според наодите, 71,8 отсто од граѓаните веруваат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ во некој иден момент.

Во последните три години значително пораснал бројот на граѓани што очекуваат Македонија да стане членка на Европската Унија во рок од пет години – од 10,2 на 23,3 отсто.

Истражувањето покажува и контрадикторност во ставовите на јавноста. Иако голем дел од граѓаните се оптимисти дека Македонија може да стане дел од Унијата во следните години, истовремено се засилува ставот дека односот на ЕУ кон земјата е нефер, надмен и уценувачки.

Во однос на демократијата, мислењето на граѓаните е подобрено. За три години, бројот на оние што сметаат дека во Македонија нема демократија се намалил од 56 на 39 отсто. Сепак, само мал дел од испитаниците сметаат дека работите во државата се движат во добра насока.

Анализата покажува и етнички јаз во ставовите кон Европската Унија. Поддршката за ЕУ е значително поголема кај помалите етнички заедници, додека скептицизмот е поизразен кај Македонците.

Во делот на информирањето, телевизијата останува силен медиум за политички теми. Кај интернет-информирањето, пак, доминираат социјалните мрежи, кои се наведуваат со над 91 процент како примарен извор за политички и европски вести.

Истражувањето „Еврометар 2026“ е спроведено од 22 мај до 8 јуни, на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник.