Полицијата за само пет часа регистрирала 140 сообраќајни прекршоци кај возачи на велосипеди, мопеди и мотоцикли на територијата на целата држава. Во рамки на акциската контрола биле поднесени и осум кривични пријави.

Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи ја спровел контролата вчера, во периодот од 17:00 до 22:00 часот.

Најголем дел од прекршоците, односно 102, се однесувале на управување без задолжително носење заштитен шлем – кацига. При контролата биле откриени и двајца возачи кои управувале под дејство на алкохол.

Од вкупно 140 прекршоци, 33 биле констатирани на територијата на СВР Струмица, 17 во надлежност на СВР Тетово и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, а 15 во СВР Куманово.

По 13 прекршоци биле регистрирани во СВР Битола и СВР Охрид, 12 во СВР Велес, 11 во СВР Скопје и девет во СВР Штип.

Од МВР информираат дека за констатираните прекршоци се преземени соодветни мерки и санкции согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. За осум возачи биле поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик.

Дополнително, при контролата биле констатирани и 156 прекршоци од друг вид.

МВР најавува дека ќе продолжи со засилените сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Од Министерството апелираат до возачите на мотоцикли, мопеди и другите видови возила да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да користат заштитна опрема и да не управуваат под дејство на алкохол.