На територијата на Македонија до утрово во 07:00 часот на регистрирани се вкупно 20 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, четири сè уште се активни, еден е под контрола, а 15 се целосно изгаснати.
Најсериозни се пожарите во Гази Баба, Гевгелија, Липково и Зелениково. Во селото Виниче кај Гази Баба огнот зафати нискостеблеста шума во реонот на Муратница. На Кожуф планина кај гевгелиското село Петрово се шири приземен пожар што гори лисна маса, додека во Липковско, кај селото Никуштак, пламените јазици зафатија деградирана нискостеблеста и дабова шума. Најтешка е ситуацијата кај селото Вражале во Зелениково, каде што гори борова насадена површина.
Меѓу пожарите кои се ставени под контрола е оној во Трубарево, каде што изминатите денови гореше електричен отпад, а во гаснењето беа вклучени и противпожарни екипи и институции на централно и локално ниво.
Истовремено, дури 15 пожари се изгаснати, што говори за сериозноста на ситуацијата и ангажманот на пожарникарите и локалното население. Огнот зафати различни подрачја – од урбани делови, како авто сервис на булеварот Борис Трајковски во Кисела Вода, па сè до депонии, стрништа и ниска вегетација во повеќе региони низ земјата. Пожари беа забележани и кај депонијата „Дрисла“ во Студеничани, на Царев врв во Кочани, во селата Ново Маала, Трновци, Мокриево, Свидовица, Иванковци, Горно Којнаре, Макреш, Идризово, Ласкарци, Визбегово, Алинци и на потегот меѓу селата Гермијан и Живојно во Битолско.
Властите апелираат граѓаните да бидат внимателни, бидејќи високите температури и сувата вегетација создаваат опасност од повторно разгорување на пожарите, додека екипите остануваат на терен за следење и навремена реакција.