Едно лице е уапсено, а неколку приведени по нападот врз група родители на деца од Белград кои учествувале на регионален турнир во Сараево во саботата на 14 јануари

„Неколку лица се донесени во службените простории на полициската управа Илиџа, до овој момент едно е лишено од слобода“, соопшти доцна синоќа полициската управа на Сараево.

Во соопштението се наведува дека повеќе детали ќе бидат соопштени денеска.
Вчера еден од родителите на децата учесници во турнирот од Белград при нападот од група маскирани млади момчиња бил повреден со нож во сараевската населба Илиџа. Според информациите од надлежните, тој е во болница, но е надвор од животна опасност.

Организаторот на турнирот, Алмир Пргуда за балканскиот сервис на РСЕ изјави дека турнирот продолжува. Тој објасни и што се случило за време на турнирот во саботата.

„Млади луѓе со капи и качулки упаднаа во хотелот и нападнаа група родители од Белград. Екипите од Србија останаа на турнирот и сите се безбедни“, вели Пргуда.

Претходно, на натпреварот, додава тој, деца од Сплит, кои учествуваа на турнирот, навредувале момчиња од Србија.

„Тие ќе бидат санкционирани и повеќе нема да учествуваат. Тоа е првпат во 15-те години на овој турнир да се случи тоа“, изјави Пргуда за РСЕ.

По инцидентот, реагираа и претставници на кантоналните и градските власти во Сараево. Претседателот на Владата на кантонот Сараево, Един Форто на својот Твитер профил објави дека очекува да бидат приведени напаѓачите на гостите од Белград, а градоначалничката на Сараево го осуди нападот и порача дека Сараево е отворен град каде што се добредојдени сите гости.