Меѓу починатите е и 18-годишна девојка од Гевгелија која била бремена во седми месец и имала коморбидитети, тешко срцево заболување и редок генетски синдром.

Директорот на Гевгелиската болница, Димитар Крџев во изјава за СДК.мк вели дека целото нејзино семејство било позитивно на ковид-19, а во болницата пристигнале со силно развиени симптоми.

Тој додава дека тие се противеле на хоспитализација, но со оглед на тоа што сатурацијата на 18-годишната девојка била намалена, таа била задржана 24 часа во Гевгелиската болница, но немало подобрување и била донесена одлука да биде итно пренесена на скопските клиники каде што по три дена починала.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 181.875, бројката на оздравени пациенти е 162.060, на починати е 6.184, а бројот на активни случаи изнесува 13.631.