Мицкоски: Рамковниот договор не направи никого среќен, но донесе мир
Треба да се биде реален и отворено да се каже дека потпишувањето на Рамковниот договор во тоа време не постигна ниту една страна да биде среќна и задоволна, но мора да се признае дека токму Рамковниот договор го донесе мирот во земјава – порака од премиерот Мицкоски на 23-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
Според него, за одредени политички партии Рамковниот договор е добар само кога тие се на власт, но кога ќе бидат опозиција, веднаш смислуваат критики заборавајќи колку е скапа цената на тој договор.
Ахмети со закани до Македонците
Дури ни на овој ден каде Македонците и останатите заедници треба да се заедно, ДУИ не изостави со провокации. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека „Ако Македонците не соработуваат со Албанците, тогаш ќе ги нема и ќе бидат проголтани од соседите“.
Ахмети: Македонците мора да соработуваат со Албанците или нема да постојат
Меџити: Охридскиот договор е договор за државата, не за партиите
Првиот вицепремиер посочи на седницата на владата дека Охридскиот договор е договор за државата – не е договор политичка партија да биде вечно на власт.
„Наша задача е државата да направи модерно општество, во кое институциите ќе одразуваат целосна еднаквост на секое ниво и димензија на работење“, рече Меџити.
Како и зошто беше потпишан рамковниот договор?
Рамковниот договор целосно и безусловно ја отфрла употребата на насилството за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја гарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13-ти август 2001 година од страна на тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.