Од кабинетот на Пендаровски велат дека добро е што по девет месеци се воспостави комуникација со институцијата претседател, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог.
– Добро е што по девет месеци некомуницирање, се воспостави комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кој толку многу недостасува во нашата земја, изјавуваат од кабинетот на Пендаровски за Дојче Веле.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска велат дека на маса ќе ги стават прашањата поврзани со правосудниот систем но ќе го наметнат и прашањето за уставобранителите.
– Очекување е да се излезе со заеднички став околу вистинската правда за уставобранителите, и очекуваме да Зоран Заев конечно ги тргне рацете од судството и обвинителството и овие луѓе кои се невини обвинети и за дело кое не го сториле конечно да добијат можност да се бранат и да ја докажат својата невиност, рече Нелоски.
Премиерот Зоран Заев пак денеска изјави дека не гледа ништо спорно во оваа средба и дека тоа е добар чекор а тој лично вели дека секогаш бил поборник за дијалог.
– Сето ова е во прилог да им служиме подобро и поефикасно на граѓаните. Така што ќе има средба на претседателот на државата Пендаровски со претседателот на најголемата опозициска партија Мицкоски може да биде само прилог, нема ништо зијан. Ќе соопштат тие се што ќе разговараат, ќе слушнеме, но еве јас да апелирам што и да е нека се бараат решенија нормално, но секако да се почитуваат вредностите за кои огромното мнозинство на нашето население очекува да бидат испочитувани од сите без разлика дали е тоа владата, претседателот, опозицијата или слично за теми за коишто се најавува и дека се разговара, рече Заев.
Мицкоски вчера на брифинг со новинарите истакна дека одмрзнувањето на односите со претседателот е заради итно потребниот дијалог мегу политичките чинители, а на одмрзнувањето на односите гледа како на подадена рака.