Голема количина дрога откриена во станот на осомничениот
Скопската полиција утринава приведе 42-годишен маж поради сомнение за поседување и продажба на различни видови на дрога. Претресот се случил во стан на улицата “Матеја Матевски”, каде што се пронајдени значителни количини на амфетамин, кокаин, марихуана и МДМА (3,4 метилен диоксиметамфетамин).
Покрај тоа, во станот било затекнато уште едно лице кое, според полицијата, добило можност да користи кокаин од осомничениот.
Основното јавно обвинителство Скопје започна истражна постапка за кривичните дела Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и Овозможување употреба на наркотични дроги. Јавниот обвинител веќе поднел предлог за определување притвор за осомничениот во Основниот кривичен суд Скопје, за понатамошно процесуирање на случајот.