Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вели дека конечен став околу иницијативата за забрана на социјалната мрежа Тик Ток во државава ќе има само по координирана активност со правосудните, образовните и безбедносните институции.

Алиу попладнево во пишана изјава изрази длабоко жалење и сочувство до семејствата на настраданите и граѓаните на соседна Србија и осврнувајќи се на иницијативата за забрана на Тик Ток посочи дека ја поддржуваат иницијативата на Министерството за образование и наука за евалуација на ризиците од сите социјални платформи.

Најпрвин, цензурата е регулирана со Уставот на Република Македонија. Така што, конечен став околу таква мерка, може да следи само по координирана активност со правосудните институции и со останатите образовни и безбедносни институции во државата. Оттаму ја поддржуваме иницијативата на МОН за евалуација на ризиците од сите социјални платформи. МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство, вели Алиу.

Потребно е, укажува ресорниот министер, да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал.

Оттаму, Министерството за информатичко општество и администрација ги зема во предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не завземаме став за забрана на било која социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат. Следствено како Министерство веќе превземаме подготвителни активности во тој правец и ќе се вклучиме со општествени иницијатив своевремено, вели Алиу.

Од МИОА апелираат за зголемување на свесноста за социјалните платформи на наставно образовниот кадар и кај родителите и огромно внимание. Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радио концесионери да продуцираат содржина со образовно воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со добри содржини.

Будно ќе ги следиме случувањата и ќе бидеме во контакт со надлежните институции. Имајќи ја во предвид сензитивноста и опасностите остануваме целосно отворени за комумикација со сите општествени чинители, вели министерот Алиу.