Како наближуваат локалните избори се повеќе имиња излегуваат во јавноста како можни кандидати за позициите градоначалник. Посебно интересна е ситуацијата за градот Скопје. Меѓу нив едно од имињата кое предизвика силни реакции во јавноста е доктор Никола Пановски, кој стана доста актуелен во текот на пандемијата со ковид 19. Сепак, тој за Алфа демантира дека има такви амбиции.
-Тоа пред да напишат требало да ме прашаат, не ми паднало ни на памет, вели кратко за Алфа доктор Пановски.
Познато е дека нов мандат сака Петре Шилегов, но дали ќе го поддржи неговата партија е знак прашалник. Се шпекулира дека СДСМ би можела да оди за главниот град со новата партиска заменичка на Заев, Сања Лукаревска. Поткрепа на оваа теза се и шпекулациите дека дел од скопското крило на партијата не е баш најзадоволно од работата на Заев, како и дека односите меѓу Шилегов и премиерот не се баш најдобри. Ова сепак беше демантирано од скопскиот градоначалник. Тој вели луѓето понекогаш сакале да измислуваат.
-Некогаш веројатно во недостаток на интересни работи, луѓето сакаат да измислуваат работи што ги нема, немало нарушени односи. Ние поминавме толку многу заедно, толку многу заедно од 2013-та, што едноставно нема логика да имаме нарушени односи, вели Шилегов.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак не откриваат ништо околу имињата, но во јавноста се циркулира со повеќе лица кои би трчале по фотелјата во Град Скопје, како што е поранешниот градски татко Коце Трајановски, екс техничката министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи, но тука е и поранешниот министер за финансии, Трајко Славевски. Се шпекулира дека и други познати личности би сакале да бидат градоначалници на главниот град, а би оделе како независни или со некоја од помалите партии.
Тука се појавува името на актерката Софија Куновска, која во минатото беше шеф на скопскиот огранок на СДСМ, но жестоко го критикува сегашното раководство на чело со Заев. Во чаршијата се зборува и за пејачот Арбен Бени Шаќири, кој и самиот не крие дека е симпатизер на владејачката партија, но важи за дел од она таканаречено скопско бранково крило. А и уште еден поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, е во комбинаториките за кандидат. Тој не ја исклучува оваа опција, но вели имал поголеми цели, односно да биде премиер.
Од скопските општини најинтересна за кандидат на СДСМ треба да биде Општина Центар, каде сегашниот прв човек изрази амбиции за уште еден мандат, но и таму се шпекулира со други имиња, како Сања Лукаревска и Јана Белчева. Од другите општини главоболки Заев може да има со Куманово, каде веќе и јавно се знае дека има конфликт со Максим Димитриевски, кој пак е градоначалник со највисок рејтинг од сите во Македонија, па доколку партијата не го поддржи, би отишол можеби и како независен.