Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека во втората половина од април во земјите од Западен Балкан ќе бидат испорачани 650.000 дози од вакцината на Фајзер, кои се донација од ЕУ.
Во денешниот телефонски разговор со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, Фон дер Лајен најави дека вакцините ќе бидат целосно бесплатни, а распределбата на контингентот ќе биде договорена со секоја од државите од Западен Балкан.
Како што пренесува Фена, двајцата соговорници оцениле дека забрзувањето на производството и рамноправната и правична глобална дистрибуција на вакцини, како и поголема солидарност на сите земји, се клучни за стабилизација и закрепнување, како и за надминување на проблемите предизвикани од пандемијата на коронавирус.