Десно-популистичката Алтернатива за Германија ја зацврстува водечката позиција во германските анкети и веќе има предност пред владејачката демократско-христијанска Унија ЦДУ/ЦСУ, јавуваат германските медиуми. Најновите испитувања покажуваат дека АфД расте кај сите релевантни анкетари, додека владејачките партии продолжуваат да губат поддршка.

Според редовната анкета „Политички барометар“ на јавниот сервис ЗДФ, АфД има предност од четири процентни поени пред ЦДУ/ЦСУ. На прашањето кого би избрале ако следната недела се одржат парламентарни избори, 28 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за АфД, додека Унијата добила 24 отсто.

Разликата меѓу двете партии се зголемила за два процентни поени во споредба со претходната анкета. На третото место е Социјалдемократската партија на Германија со 13 отсто поддршка, додека Зелените имаат 12 отсто, а Левицата 11 отсто.

Во анкетите на други институти АфД бележи уште повисоки резултати. Според испитувањата на Инса и ЈуГав, партијата има 29 отсто поддршка, додека Унијата е на второто место со 22, односно 20 отсто.

Владејачките партии ја губат популарноста и покрај мерките за намалување на нерегулираната миграција. Ограничувањето на доселувањето останува еден од главните адути на опозициската АфД.

Во септември во неколку сојузни покраини на истокот од Германија се очекуваат избори за покраинските парламенти, на кои се предвидува добар резултат за АфД. Во Саксонија-Анхалт дури се очекува можност за апсолутно мнозинство и назначување на првиот покраински премиер од редовите на оваа партија.

Анкетата покажува и слаба подготвеност кај граѓаните да ги прифатат финансиските оптоварувања што би произлегле од планираните реформи на социјалниот систем, предложени од владата на Фридрих Мерц. Само 25 отсто од испитаниците изјавиле дека се подготвени да ги поднесат тие трошоци.