Професорката Татјана Алексиќ остро реагираше по случајот со врсничкото насилство во Општина Аеродром, предупредувајќи дека агресијата меѓу децата станува сè посериозен општествен проблем.

„Бруталноста се смета за предизвик“

Во својот Фејсбук статус, Алексиќ наведува дека „агресија раѓа агресија“ и дека таа агресивно се шири. Според неа, бруталноста денес сè почесто се третира како „предизвик“, а емоционалната неписменост и ограниченост, како што пишува, се во тренд.

Таа бара итна промена на казнената политика кога станува збор за старосната граница, порачувајќи дека децата кои се способни вербално и физички да се изживуваат врз други, мора сериозно да бидат третирани од системот.

„Снимањето насилство не смее да биде забава“

Алексиќ особено реагира на фактот што насилството било следено, снимано и навивано од други деца. Таа предупредува дека доколку младите гледаат сеир, снимаат малтретирање и навиваат како во „гладијаторска арена“, истото однесување може да се повтори и во друга прилика.

Професорката оценува дека ваквото однесување е резултат и на општествена средина во која, како што вели, децата растеле со реалити емисии, медиумска поддршка на агресивност, бруталност, дрскост и невоспитаност, без мрвка емпатија.

Случајот повторно го отвори прашањето за врсничкото насилство, воспитувањето, родителската одговорност и улогата на институциите. Пораката од јавноста е дека булингот не смее да се релативизира, а снимањето и навивањето при насилство мора да се третираат како сериозен аларм за целото општество.