Агенцијата за храна и ветеринарство изрекла 30 парични казни и 12 забрани за вршење дејност по 70 вонредни контроли во угостителски објекти во Гостиварско. Иако локалите ја почитувале забраната за користење на водата од градскиот водовод, инспекторите откриле небезбедна храна, нерегистрирани оператори, работници без задолжителни здравствени прегледи и неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Контролите опфатиле кафулиња, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници и други оператори со храна. Инспекторите проверувале дали се користи водата од водоводот, која и натаму е забранета за пиење, подготовка на храна и за други потреби поврзани со угостителството. Во овој дел не биле утврдени прекршувања. За миење садови, работни површини и опрема се користела пакувана и безбедна вода, а храната и пијалаците се послужувале со пластични или хартиени чаши и прибор.
Кај пет оператори не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, додека кај 18 оператори вработените немале направено задолжителни здравствени прегледи. Инспекторите затекнале и 11 правни лица кои воопшто не биле регистрирани во АХВ како оператори со храна, поради што добиле привремена забрана за работа сè додека не ја завршат законската регистрација.
Кај двајца оператори била пронајдена небезбедна храна пуштена во промет. Уништени биле вкупно 18 килограми виршли, слајс-салами, кисело млеко, јогурт и путер. Вкупната вредност на изречените казни изнесува 7.750 евра, а покрај паричните казни и забраните, инспекторите издале и опомени и решенија за отстранување на утврдените недостатоци.
Од АХВ повторно апелираа граѓаните и операторите строго да ја почитуваат забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод. Забраната ќе остане во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна.
Во меѓувреме продолжуваат дезинфекцијата и контролираното хлорирање на водоводниот систем. Надлежните очекуваат прво да биде обезбедена технички исправна вода, а дури потоа, по нови анализи, да се разгледува укинување на забраната за пиење.
