Дојран и Чучер Сандево и понатаму во пламен
До 7 часот утринава, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентираше вкупно 28 пожари на отворен простор ширум земјата. Од нив, два пожари сѐ уште се активни – во село Николиќ во општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, и во Чучер Сандево, во пределот меѓу селата Горњани и Блаце, каде е зафатена поголема шумска површина.
Четири пожари ставени под контрола
Според соопштението од ЦУК, четири пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарите во општина Македонски Брод, помеѓу селата Црешнево, Крапа и Локвица, каде што горела деградирана дабова шума и грмушки, како и во село Слатино, каде е зафатена ниска вегетација. Под контрола се и пожарите во село Џидимирци, општина Велес, каде горела ниска вегетација, како и во село Перово во општина Ресен, каде горела трска.
Повеќето пожари изгаснати
Од вкупно 28 пожари, 22 се целосно изгаснати, со што е спречено понатамошно ширење и материјални штети. Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за гаснење и обезбедување на критичните подрачја.