Досега во земјава не е регистриран случај со омикрон сојот на Ковид-19. Се уште доминантен е делта сојот, како кај нас, така и во дел од државите во регионот. Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 5.620 пациенти.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 433 случаи на Ковид-19 од направени 3.028 тестирања. Оздравени се 433 пациенти, а починати осум лица. Од новодијагостицираните случаи, во Скопје се 166, Прилеп 41, Битола 30, Кавадарци 22, Кочани 14, Куманово и Велес по 12, Тетово 8, Гевгелија 6, Неготино, Радовиш и Делчево по 5, Кичево, Берово, Валандово и Македонски Брод по 4, Струмица 3, Гостивар, Штип, Охрид, Богданци и Пехчево по 2, Крива Паланка, Пробиштип, Кратово, Демир Хисар, Крушево и Дојран по 1. Најмногу активни случаи има во Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Охрид, Куманово, Велес…
Досега во земјата се направени вкупно 1.496.479 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земја од почетокот на епидемијата изнесува 218.723, бројот, на оздравени пациенти е 205.303, на починати е 7.710. Вкупно има 5.620 активни случаи.
Светска здравствена организација (СЗО) во Северна Македонија вчера му додели опрема за информатичка технологија на Министерството за здравство како поддршка за дигитализација на процесот на имунизација и подобрување на техничката инфраструктура на сите вакцинални пунктови низ државата, како дел од тековните напори за борба против пандемијата на КОВИД-19. Набавката на опремата беше финансиски помогната од Германија.
– Опремата што ја добивме денеска ќе биде од голема важност за забрзување на безбедното и делотворно одвивање на вакцинирањето со сите вакцини, вклучувајќи ги и вакцините против КОВИД-19, како и за подобрување на пристапот до податоци кои спасуваат животи. Имунизацијата против КОВИД-19 и натаму останува критично важна за намалување на случаите на тешка форма на болест и смрт, вклучувајќи и против доминантниот Делта сој на вирусот, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Претставничка на СЗО во Северна Македонија, д-р Џихан Тавила истакна дека давањето поддршка на Министерството за здравство за изградба на отпорен здравствен систем е еден од приоритетите на СЗО во Северна Македонија.
Амбасадорката на Германија во Северна Македонија Анке Холштајн изјави дека е многу среќна што Германија го обезбеди овој финансиски придонес за СЗО за дигитално подобрување на македонскиот здравствен систем.
СЗО во Северна Македонија вчера соопшти дека континуирано ги поддржува националните здравствени власти во преземањето мерки за здравствена сигурност, особено за време на актуелната криза со КОВИД-19.
– Поддршката од СЗО е од исклучителна важност за: создавање мрежа за собирање информации и одговор на вонредни состојби од страна на системот за јавно здравје, во што влегуваат и лабораториите; изготвување и спроведување на национален план за вакцинација против КОВИД-19; создавање податоци засновани на докази за зајакнување на интервенциите; снабдување со опрема за управување со вакцини и одржување на ладниот ланец, како и континуирана обука за здравствени работници и вакцинатори; придонес кон вкупните рутински напори во делот на имунизацијата на национално ниво, се наведува во соопштението од СЗО.
Инаку, вчера Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри лекот на Астра Зенека против коронавирус „Евушелд“, кој е коктел од антитела што ја спречува инфекцијата на лицата со ослабен имунитет и оние кои имале силни несакани ефекти од вакцинацијата. Лекот е одобрен само за возрасни и адолесценти кои досега не биле заразени, ниту пак биле во контакт со заразени лица. Како што пренесува Гласот на Америка, истражувањата покажале дека лекот „Евушелд“ ја спречува инфекцијата со Ковид и манифестирањето на симптомите во 77 отсто од случаите. Предвидено е лекот да се дава во две инјекции, а заштитата трае од седум месеци до една година.
Сепак, ФДА додаде дека лекот на Астра Зенеке не е замена за вакцинирање на луѓе за кои е препорачана вакцината. Коктел со антитела може да спречи, во раните фази, развој на тешка клиничка слика на Ковид. Слични лекови веќе произведуваат Ели Лили, Реџенерон и Глаксо Смит Клајн.
Родителите на децата од пет до 11 години во Грција, од денеска можат да закажат термин за вакцинација на нивните деца, која ќе започне следната среда, јави дописничката на МИА од Атина. Платформата за пријавување и закажување термин е веќе отворена, се очекува во понеделник во земјата да пристигнат вакцините на Фајзер наменети за децата, со оглед на тоа дека дозите се помали, а вакцинацијата ќе започне во среда. Вакцинацијата ќе биде во болниците, во првата фаза ќе бидат отворени центри за детска вакцинација во 75 делови на Грција, додека пак за островите и за оддалечените места предвидени се мобилни единици.
Парламентот на Ерменија вчера усвои закон кој ќе им овозможи на работодавачите да отпуштаат работници кои одбиваат да дадат доказ за вакцинација против Ковид-19 или негативен резултат од тестот. Новото правило следи по наредбата од август на Министерството за здравство со која се бара од ерменските граѓани да им достават на своите работодавачи доказ за вакцинација или негативен ПЦР тест на секои две недели или ќе бидат казнети.
– Доколку работникот не достави потврда за вакцинација или негативен тест за Ковид-19, работодавачот има право да го отстрани од работа, да му ја суспендира платата и да го отпушти доколку отсуствува 10 работни дена од работа поради таа причина, рече заменик министерот за труд и социјални прашања Рубен Саргсјан.
Тој прецизира дека новиот услов за вакцинација нема да важи за претседателот на земјата, премиерот, замениците, народните правобранители, судиите на Уставниот суд и другите функционери.
– Овој исклучок е воспоставен затоа што овие функции се или (институционални), како што е случајот со замениците или нивните носители се именувани во согласност со Уставот, рече Саргсјан.