Вчера во попладневните часови на пожарот кај с.Раовиќ, општина Сарај дојде до негово разгорување, каде во еден момент се гледаа 10 жаришта на линија од 2 км и едно одделно жариште на 5-6 км од останатите жаришта. Утрово пожарот чади на повеќе места со можност да се разгори и истиот се простира од село Буковиќ кон село Чајлане и Матка, рече Надица В’чкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје е сеуште активен и проширен кон висорамнината Витачево, кон с.Страгово во опш.Кавадарци. На овој пожар Гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Пожарот се шири на повеќе краци, а во текот на ноќта интензитетот на пожарот беше најјак во реонот на с. Барово, с. Бесвица и во правец на с.Вешје. Интервенираат 100 војници на АРСМ, 20 вработени од ШС Демир Капија и 20 лица од доброволно ПП друштво.

Пожарот кој започна вчера во попладневните часови во атарот на с.Г.Мелничани во општина Центар Жупа е во моментов активен. Зафатена е површина од букова шума. Во текот на ноќта се интервенираше до 02.00 часот наутро, а во утринските часови упатени се екипи на ТППЕ-Дебар, 10 вработени од ШС „Стогово“ од Дебар, припадници на полиција од ПС-Дебар и градежна механизација, како и вработени од општина Центар Жупа. Во моментов се дејствува на гаснење на пожарот.

Пожарот кој избувна вчера помеѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом Китка е ставен под контрола, иако на опожарените места сеуште чади и догоруваат корења и гранки.

Шумскиот пожар кој започна во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Општина Кратово во м.в.Кормина, близу селото Емирица е веќе локализиран, но бидејќи постоеше можност за повторно активирање, екипа на МШ Кратово дежураше во текот на ноќта се до утринските часови.

Пожарот во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, каде гореше сува трева и нискостеблеста шума, а постоеше опасност да биде зафатена и високостеблеста букова шума, вчера во текот на попладневните часови е целосно изгаснат.

Исто така и запалената депонија во Радовиш е целосно изгасната.

Целосно изгаснат е и пожарот кај с.Шипковица на планината Плачковица. Зафатена беше површина од околу 1 Ха, претежно букова шума.