Без да навлегувам премногу во партиски политики, сакам да ја искоментирам последната анкета на престижниот американски институт НДИ. Анкетата е правена март/април а јавноста дозна за неа дури денес (август). Чудно малку. Според оваа анкета, а и според состојбата на терен јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на наредните избори. И тоа е добро за Македонија, бидејќи оваа власт ни ја уби надежта дека некои работи можат да тргнат на подобро. Покрај тоа што падот на рејтингот на власта е драматичен, и разочарувањето на граѓаните е огромно, анкетата покажува дека граѓаните се повеќе ги интересира нивното здравје, материјална состојба и пристојни општини за достоинствено и хумано живеење. Владеачката коалиција 4 години управува со огромен број на општини во Република Македонија. Резултатите од тоа владеење (чест на неколку добри градоначалници, а тоа никако не е Златко Марин!) се катастрофални. Граѓаните на следните локални избори страшно ќе ја казнат власта, но повеќе од било кога ќе очекуваат конкретни резултати, домаќинлук и посветеност во работата на новите градоначалници. Тоа е огромна обврска и одговорност. Опозицијата треба со лупа да ги анализира, мери и премерува потенцијалните кандидати за градоначалници и совети од нивните редови. Бидејќи денес направената грешка, веќе утре може прескапо да ја кошта опозицијата, напиша Карчовски