Ал Џазира Балканс се затвора по 14 години работа

Се гаси Ал Џазира Балканс, по 14 години работа на балканскиот медиумски простор. Веста ја потврдија извори за порталот Кликс, кој прв ја објави информацијата.

Станува збор за регионална подружница на катарската медиумска мрежа, која со седиште во Сараево успешно функционираше уште од 2011 година. Ал Џазира Балканс покриваше значаен дел од медиумската сцена во регионот преку своите редакции во Скопје, Белград, Загреб, Подгорица, Љубљана и Приштина.

Во изминатите години, Ал Џазира Балканс беше препознатлива по својата оригинална продукција, особено во полето на документарните програми и специјализирани проекти. Беше и прва телевизија под брендот на Ал Џазира што емитуваше содржина на јазик различен од арапски и англиски.

Регионалната редакција почна со работа уште од септември 2010 година, кога компанијата „ПЕП“, во сопственост на Адил Куленовиќ, ѝ ја продаде локалната ТВ-станица НТВ Студио 99 на Ал Џазира за 2,3 милиони конвертибилни марки, колку што изнесувале долговите на медиумот кон државата.

Со таа аквизиција се поставија основите на една од највлијателните медиумски редакции на Балканот.

Фестивалот AJB DOC останува како дел од медиумското наследство

Во 2018 година, Ал Џазира го основа фестивалот за документарен филм AJB DOC, кој секој септември се одржува во Сараево. Фестивалот привлече значајно внимание и во регионот и на меѓународно ниво.

Иако причините за гаснењето сè уште не се официјално објавени, според неофицијални информации, одлуката дошла од централата во Доха, и е поврзана со финансиски причини и внатрешна деловна стратегија.