Топлотниот бран што ја зафати Европа го забрза топењето на швајцарските глечери до алармантна брзина, а научниците предупредуваат дека загубите оваа година би можеле да бидат меѓу највисоките досега регистрирани.

Снегот и мразот на швајцарските глечери се топат со алармантна брзина додека екстремните температури ја зафаќаат Европа, предупредија експертите од швајцарската служба за следење на глечерите GLAMOS.

Според нивните проценки, целиот сезонски снег и мраз што се акумулирале во текот на зимата би можеле да исчезнат до понеделник, што би бил вториот најран регистриран „ден на губење на глечери“ откако се започнати евиденциите.

Шефот на GLAMOS, Матијас Хус, предупреди дека низ Алпите се регистрираат екстремни стапки на топење.

– Некои глечери изгубиле до еден метар мраз вертикално за само десет дена – рече Хус.

Тој наведува дека ваквите драматични загуби се резултат на комбинација од неколку неповолни фактори – екстремно високи температури, ниски зимски снежни врнежи и сахарска прашина, која ја затемнува површината на мразот и дополнително го забрзува неговото топење.

Податоците покажуваат дека швајцарските глечери изгубиле околу 38 проценти од нивниот вкупен волумен од 2000 до 2024 година, додека околу 1.200 глечери целосно исчезнале во последниот половина век.