Албанија и натаму значително заостанува зад Европската Унија според средствата што се издвојуваат за здравствена заштита. Разликата не е голема само кога трошоците се изразуваат во евра, туку останува длабока и по приспособувањето на пониското ниво на цените во земјата.
Албанскиот здравствен систем истовремено се карактеризира со значително поголем финансиски товар за семејствата. Поради ниските владини издвојувања, домаќинствата се принудени директно да финансираат речиси половина од трошоците за здравствена заштита, објави „Politiko.al“.
Според податоците на Евростат за 2025 година, индивидуалната потрошувачка за здравствена заштита во Албанија се проценува на 662 евра по жител, наспроти просечните 3.675 евра во Европската Унија. Изразено во номинални вредности, албанската потрошувачка по жител достигнува само 18 отсто од европскиот просек.
Вкупните издвојувања за здравствена заштита во Албанија во 2025 година изнесувале 1,56 милијарди евра, покажуваат податоците на Евростат. Оваа сума претставува 7,7 отсто од тековната индивидуална потрошувачка, додека учеството на здравствената заштита во Европската Унија изнесува 13,4 отсто. Меѓу земјите од регионот предничи Србија, каде што овој удел достигнува 11,5 отсто.
Како што се наведува, овој показател не ги опфаќа само плаќањата што граѓаните ги вршат директно од сопствениот џеб.
Нивото на цените на здравствените производи и услуги во Албанија во 2025 година изнесувало само 44,6 отсто од просекот во Европската Унија. Поради тоа, со 662 евра во Албанија може да се купат повеќе здравствени услуги отколку со истиот износ во просечна земја членка на ЕУ, наведува „Politiko.al“. Сепак, и по приспособувањето на ценовните разлики, јазот останува значителен.
Изразена преку стандардите на куповната моќ, потрошувачката за здравствена заштита во Албанија изнесува околу 1.500 PPS по жител, во споредба со приближно 3.700 PPS во Европската Унија. Тоа значи дека реалниот обем на здравствени добра и услуги потрошени по жител во Албанија достигнува само околу 40 отсто од европскиот просек.
Според базата на податоци на Светската здравствена организација, која ја објавува и Светската банка, тековните трошоци за здравствена заштита во Албанија во 2023 година изнесувале 7,05 отсто од бруто-домашниот производ. Во Европската Унија тие во истата година достигнале 10 отсто од БДП.
Податоците на Светската банка покажуваат дека домаќинствата во Албанија во 2023 година директно платиле 48,27 отсто од тековните трошоци за здравствена заштита. Во практиката, речиси секое второ евро потрошено за здравство доаѓа директно од џебот на граѓаните, што претставува највисоко ниво во Европа.
