Албанија продолжи да увезува големи количини руска пченица од почетокот на војната во Украина, што ги зголеми стравувањата дека некои од купените парцели можеби се украдени од украинските магацини, објави веб-страницата „Егзит“.

Како што јави дописничката на МИА од Тирана, Србија и Русија продолжуваат да бидат најголеми снабдувачи на пченица во земјата, и покрај тврдењата дека трговците на големо се обидуваат да ги диверзифицираат своите извори.

Податоците за надворешно-трговската размена на Албанија покажуваат дека Албанија во првите пет месеци од годинава увезла 27 отсто од вкупните резерви на пченица од Русија. Помеѓу јануари и мај овие количини се 105 илјади тони, што е нешто помалку од истиот период во 2021 година.

Податоците на албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ, покажуваат дека од почетокот на инвазијата до крајот на март увезената количина двојно се зголемила на 20.000 тони.