Александар Чупиќ денеска е избран за претседател на Собранието на Србија на предлог на Студентската листа.

За него јавно гласаа 140 пратеници, додека за кандидатот на пратеничката група „Србија победува“, Стојан Раденовиќ, гласаа 97 пратеници.

Собранието на Србија брои 250 пратеници, а при гласањето во собраниската сала беа присутни 239.

Новоизбраниот претседател на Собранието на Србија по изборот изјави дека граѓаните очекуваат дијалогот и толеранцијата да бидат образец на политичката култура на секој од пратениците.

Чупиќ нагласи дека граѓаните очекуваат од пратениците да водат сметка за секој изговорен збор и најави дека Парламентот ќе негува и критика и контрола.

Тој рече дека во дијалогот мора да се води сметка за пет работи, во кои ги вброи рамноправноста, внимателноста, учтивоста, враќањето на чувството на срам и „врвниот идеал – силата на аргументот“.

Чупиќ изјави и дека изборот за претседател на Парламентот за него претставува огромна чест, одговорност и обврска.

По изборот и обраќањето на претседателот на Парламентот беше одредена пауза до 15:40 часот.

На дневниот ред на седницата е и изборот на потпретседатели на Собранието на Србија и други парламентарни работни тела.