Утре, 15 март 2025 година, во Белград се очекува најмасовниот студентски протест, на кој ќе се придружат граѓани од цела Србија, како кулминација на незадоволството од власта на српскиот претседател Александар Вучиќ. Протестите започнаа по трагедијата во Нови Сад, каде при уривањето на настрешница на Железничката станица загинаа 15 лица, а студентите бараат целосна документација за реконструкцијата, обвинувајќи ги властите за прикривање на вистината, според „Јутарњи лист“.

Александар Вучиќ: Нема преодна влада, очекувам насилство на овој студентски протест

Александар Вучиќ и неговите приврзаници, вклучувајќи ја владејачката СНС и Српската православна црква, ги обвинуваат студентите за „уништување на Србија“. Во пресрет на утрешниот протест, Вучиќ за РТС изјави дека неговата позиција е јасна.

„Верувам дека формирањето на преодна влада би значело смрт за Србија, крај на една модерна, успешна и напредна држава. Искрено, сметам дека тоа би било враќање на власт на најлошите во нашата земја, без избори и без изразена волја на народот. Ова е напад врз уставниот поредок на Република Србија и проценувам дека насилството нема да може да се избегне“, изјави Вучиќ, повикувајќи ги младите да не учествуваат во насилство.

Тој додаде дека протестот е незаконски, бидејќи не е пријавен кај надлежните, и дека државата ќе ги штити институциите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Danas (@danas.rs)

Напнатост пред протестот: трактори и камења во Пионерски парк

Студентите, кои три и пол месеци ги блокираат факултетите, побараа од Министерството за внатрешни работи да ја отстрани шаторската населба од Пионерски парк до денес и да спречи нејзино повторно поставување до 16 март. Во текот на ноќта, во паркот беа паркирани трактори, за кои Нова.рс известува дека многу од нив немаат регистрација или таа е скриена, наведувајќи дека тие се користат за зголемување на притисокот и стравот од радикализација. Граѓаните поставија и вреќи со камења по улиците, а активистите апелираа за отстранување на бетонските блокови од плоштадот Никола Пашић поради безбедносни ризици.

Александар Вучиќ ги предупредува студентите

Александар Вучиќ процени дека на протестот ќе се соберат околу 80 илјади луѓе и предупреди на насилство.

„Не дозволувајте луѓе како Ѓилас, Миливојевиќ и други да ве искористат за нечесни политички цели. Не го правете тоа. Ова е моја молба како претседател на Републиката, не за мене, бидејќи не можете да го смените претседателот. Ова го барам за вас, деца, за вашата иднина, за да знаете што правите“, рече тој.

Тој додаде дека државата веќе подготвува планови за справување со насилството.

„Ќе се обидеме оние што планираат насилство да ги приведеме пред собирот. Проценувам дека ќе дојдат околу 80 илјади луѓе, можеби и помалку, од цела Србија. Тоа е голем број, а сите во толпата се чувствуваат моќно. Не се само студентите што не сакаат насилство. Студентите сигурно ќе изгубат една година, а ние ќе ги уапсиме и гониме насилниците“, изјави Вучиќ за РТС.

Безбедносни ризици и политички игри

Напнатоста пред утрешниот протест е зголемена со видеа на социјалните мрежи што покажуваат луѓе како носат цигли во Пионерски парк. Вучиќ инсистира дека нема да дозволи формирање на преодна влада, дури и по оставката на премиерот Милош Вучевиќ, нагласувајќи ја својата уставна улога во изборот на мандатар. Додека студентите бараат правда за трагедијата во Нови Сад, утрешниот протест може да стане пресвртница во политичката криза во Србија.