Неодамна пензионираниот судија Елјеса Алији поднел кандидатура за претседател на Основниот суд Гостивар, но Судскиот совет не ја прифатил бидејќи тој ги исполнува условите за старосна пензија. Алији, кој претходно раководеше со судот, во мај годинава беше осомничен за примање поткуп во износ од 8.000 евра.
За претседател на Гостиварскиот суд е избран досегашниот вршител на должноста Мирослав Петровски. Од Судскиот совет соопштија дека неговата документација била уредна и комплетна.
Од постапката била исклучена кандидатката Драгослава Веселиновска поради некомплетна документација. Како што појаснија од Советот, таа не доставила акциски план за работа.
Судскиот совет на денешната седница избра претседатели и на основните судови во Дебар и Свети Николе. За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски, додека со Основниот суд Свети Николе во следниот период ќе раководи Валентина Буровска, која била единствен кандидат на објавениот оглас.
Советот ги усвои и извештаите на Комисијата за проверка на навременоста на пријавите и комплетноста на документацијата на кандидатите за претседатели на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга.
Било констатирано дека сите доставени пријави за овие две претседателски места се навремени и комплетни. Во следната фаза од постапката за избор на претседател на Апелацискиот суд Скопје влегуваат судиите Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска.
Единствен кандидат за претседател на Основниот суд Струга е Танче Петревски.
