Законот ги опфаќа и електронските цигари, носи нови правила за терасите и построга заштита за децата

Министерството за здравство ја завршува консултативната и институционалната постапка за новиот Предлог-закон за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи. На завршниот состанок со претставници на тутунската индустрија и угостителскиот сектор, министерот за здравство Азир Алиу порача дека станува збор за закон кој бил подготвуван низ широк процес на усогласување и консултации.

На состанокот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

„Ја заокружуваме целокупната консултативна и институционална постапка за Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи. Ова не е закон што се носи набрзина, ниту закон што се носи без слушање на засегнатите страни. Напротив, ова е закон што помина низ широка, инклузивна, детална и аргументирана постапка на усогласување меѓу државните институции, со инспекциските и надзорните органи, со претставниците на тутунската индустрија, со угостителскиот сектор, со експертската јавност и со граѓаните преку можноста што ја имаа на ЕНЕР“, рече Алиу.

Според него, потребата од ново законско решение произлегува од фактот што актуелниот закон е донесен во 1995 година и повеќе не одговара на современите услови и новите производи што се појавија на пазарот.

„Причината поради која ни е потребен нов закон произлегува од тоа што постојниот закон е донесен во 1995 година и, иако во меѓувреме имал девет измени, повеќе не одговара на денешната реалност. Денес не зборуваме само за класични цигари. Имаме електронски цигари, како и несогорливи тутунски производи кои се нови форми на употреба на никотин и тутун што технологијата постојано ги развива“, истакна Алиу.

Над 3.600 смртни случаи годишно се поврзуваат со употребата на тутун

Министерот нагласи дека новото законско решение се темели на податоци и јавно-здравствени аргументи.

„Тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, односно околу 13 проценти од сите смртни случаи во државата. Економската загуба се проценува на 38 милијарди денари, односно над 600 милиони евра годишно, што претставува околу 5,16 проценти од БДП. Меѓу младите на возраст од 13 до 15 години, 13,6 проценти користат тутунски или никотински производи, што е највисока стапка од 2002 година. Дополнително, 73 проценти од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Истовремено, 86,9 проценти од младите поддржуваат забрана за пушење во затворени јавни простори“, посочи министерот.

Тој додаде дека законот не го ограничува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи, туку ја регулира нивната употреба и промоција таму каде што може да влијае врз здравјето на другите граѓани.

Нови правила за терасите и забрана за промоција на социјалните мрежи

Според Алиу, новото законско решение носи низа конкретни промени.

„Новиот закон носи конкретни и мерливи придобивки. Обезбедува чист воздух во затворени јавни и работни простори. Ги опфаќа новите производи, вклучително електронските цигари и несогорливите тутунски производи. Ја зголемува заштитата на децата преку намалување на нормализацијата, присутноста во училиштата, заштита во приватно возило во присуство на дете, како и на 20 метри од влезовите на здравствени, образовни инстиутции и установи за деца. Законот ја затвора и сивата зона за терасите. Стариот закон само велеше дека пушењето е дозволено на тераси, без доволно јасни услови за нив. Новиот закон воведува јасни и спроведливи критериуми, како на пример, терасата мора да биде отворена од најмалку две страни“, укажа Алиу.

Во делот на рекламирањето, законот предвидува целосна забрана и за онлајн платформите, социјалните мрежи и инфлуенсерскиот маркетинг.

„Посебно важно е што законот воспоставува функционален надзор. Наместо неколку органи со недоволно јасна поделба на надлежностите, новиот текст предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени надлежности. Ова е важно затоа што законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен“, подвлече министерот.

Во рамки на подготовката на законот биле одржани седум состаноци со претставници на тутунската индустрија и пет со угостителскиот сектор, а преку ЕНЕР биле разгледани 58 коментари од граѓани, здруженија и експерти.

„Во процесот имавме и значајна експертска поддршка од Светската здравствена организација, особено во делот на јавно-здравствените стандарди и обврските што произлегуваат од Рамковната конвенција за контрола на тутунот, за што изразувам искрена благодарност. Пред нас имаме текст што е резултат на комплексен процес на слушање, аргументирање и усогласување. Овој закон ги штити оние кои најмалку можат да се заштитат сами – децата, вработените и непушачите. Денес ја финализираме оваа фаза од постапката. Следниот чекор е разгледување на Предлог-законот на седница на Владата, а потоа, согласно процедурите, негово понатамошно процесирање во Собранието“, заклучи Алиу.