Сојузот на синдикати на Македонија најостро го осуди секој вид насилство врз жените без разлика дали тоа се случува во домашни услови или на самото работно место. Синдикалните претставници побараа итни измени во законската регулатива со кои ќе им се овозможи право на платено отсуство од работа на сите работнички кои се жртви на насилство.
Првиот човек на ССМ ја истакна потребата од задржување на економската сигурност на жртвите во најкритичните моменти од животот.
„Не смееме да дозволиме некоја жена да го загуби своето работно место и егзистенцијата во најтешките моменти од својот живот, кога се соочува со насилство. Доколку институциите потфрлат во процесот на превенција на насилството, ние мораме гласно да го осудиме секој таков случај“, изјави Трендафилов.
Од синдикалната организација упатија апел за целосна примена на Конвенцијата 190 на Меѓународната организација на трудот, укажувајќи дека акциските планови и законите не смеат да останат само формалност на хартија.
„Правдата не значи само заштита на жртвите и повикување на одговорност на сторителите, туку и спречување на насилството пред воопшто да се случи. Конвенцијата број 190 на Меѓународната организација на трудот, која се однесува на елиминација на насилството и вознемирувањето во светот на трудот, е ратификувана во Македонија во 2023 година. Синдикатите се залагаат за нејзино доследно почитување и практична примена. Ефективната примена на Конвенцијата бр. 190 и Препораката бр. 206 подразбира: безбедни и доверливи механизми за пријавување, со заштита од одмазда, превенција преку соодветни мерки за безбедност и здравје при работа, вклучување на синдикатите и работничките во креирањето на политиките и осуда на секој облик на насилство и вознемирување во светот на трудот“, изјави Димитрова.
На панел-дискусијата посветена на работничките права и спречувањето на вознемирувањето беше констатирано дека мобингот и непријатностите на работната позиција не потекнуваат исклучиво од машки колеги, туку такво однесување понекогаш манифестираат и жени на раководни позиции.
Официјалната статистика на ССМ покажува дека во текот на изминатите две години до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација биле поднесени вкупно 378 претставки, од кои 184 биле иницирани од жени за заштита од нееднаков третман и вознемирување во сферата на работните односи.
Во последните три години дискриминација врз жени на работното место била официјално потврдена во 43 случаи, со најголема зачестеност во јавниот сектор. Дополнително, дискриминација врз основа на пол, род, бременост, мајчинство или породување била утврдена во 16 случаи, од кои 11 се евидентирани во приватниот сектор, а 5 во институциите на јавниот сектор.
