Владата очекува најбргу што може да го обезбеди потребното мислење за предлог-измените на Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените. По завршувањето на овие процедури, документот ќе биде доставен до Собранието.

Одговарајќи на новинарско прашање кога Владата ќе го достави мислењето за да може претседателот на Собранието да закаже седница за разгледување на законските измени, беше појаснето дека законот е во владина процедура и дека за неговото усогласување треба да бидат завршени повеќе институционални постапки.

„Точно, законот е во владина процедура. Знаете дека во тие владини процедури потребни се неколку инстанции да поминат, односно да се обезбеди мислењето. Очекувам дека Владата најбргу што може ќе го обезбеди тоа мислење и ќе го достави до Собранието“, рече Митева.

Предлог-измените произлегуваат од заложбата на Владата за подобрување на заштитата на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените. Во нивната подготовка беа вклучени институции, граѓански организации, експерти, обвинители, судии, правници и лица што непосредно работат со жртвите.

Институциите во рамките на Владата ја иницираа процедурата за законски измени, при што беше воспоставен дијалог со сите релевантни општествени чинители.

„Сметам дека клучното прашање што треба да се постави е како дојдовме до законски измени на Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените. Тоа е токму поради заложбата на оваа Влада да направиме чекор напред и да ги подобриме состојбите кога станува збор за заштитата на жртвите. Сигурна сум дека заложбата на Владата е јасна во однос на немањето никаква толеранција за насилството врз жените“, изјави Митева.

На дополнително прашање зошто законот подолго време се наоѓа во владина процедура, беше посочено дека не треба да се шпекулира со рокови без претходна детална проверка на информациите.

„Ќе ми дозволите точно да проверам. Не би импровизирала сега бидејќи станува збор за состојби што се движат од институција во институција. Немам никаков проблем да ѝ ги соопштам на јавноста информациите за тоа кога е испратено, кои се причините и зошто. Се надевам дека потребни се повеќе мислења што треба да се инкорпорираат во едно за тоа да биде доставено до Собранието“, рече Митева.

Во однос на прашањето за предлог-измените на Законот за нефер трговските практики и потребата од повисоки казни за трговците што ги прекршуваат правилата, беше образложено дека секој предлог мора да помине низ неколку фази.

Предлозите првично ги подготвуваат надлежните институции, по што следуваат стручни колегиуми, комисии, разгледување и меѓусебно усогласување на владина седница, како и официјално прибирање на мислењата од сите ресорни органи.

„Има неколку инстанции во рамките на оваа процедура. Институциите имаат колегиуми, комисии, потоа следува разгледување на седница на Владата, формирање мислење и барање мислења од институциите. Кога сите овие работи ќе се инкорпорираат, Владата ги става точките што се усогласени на седница за да можеме да дадеме поддршка или да не дадеме“, рече Митева.

Владата ќе постапи веднаш штом бидат исполнети сите административни услови и ќе бидат целосно усогласени ставовите меѓу надлежните институции, со цел да се обезбеди ефикасна заштита на граѓаните и сузбивање на нечесните трговски практики.