Наследството на 17 ноември: Зошто приказната на Централна Европа и припаѓа и на Северна Македонија, е насловот од заедничкиот текст на амбасадорите на земјите од Вишеградската група – Словачка, Чешка, Полска, Унгарија.  Тие во својот текст велат дека Европа не е целосна без Западен Балкан  и дека Македонија презеде историски чекори и направи жртви на својот евроатлантски пат кои заслужуваат длабока почит.

Целосниот текст во продолжение

17 ноември 1989 година не беше само датум во средноевропскиот календар. Тоа беше момент кога милиони обични луѓе – студенти, наставници, земјоделци и работници – одлучија да ја преземат одговорноста за сопствената иднина. Во исто време, тоа беше поттикнато од убедувањето дека европскиот континент не може трајно да остане поделен со Железната завеса.

Тој ден беше пресвртница во историската трансформација што започна со појавата на движењето „Солидарност“ во Полска. Она што следуваше низ земјите од Вишеградската група (В4) беше длабок процес на промени, кој не беше ниту лесен ниту безболен. Беа потребни години со барања за реформи, жртви и градење институции од темел. Сепак, ова беа и години што ни донесоа слобода, просперитет и враќање во европското семејство кон кое отсекогаш сакавме да припаѓаме. В4 покажа дека довербата меѓу соседите е остварлива и одржлива.

17 ноември има особено историско значење и за Северна Македонија. Оваа година се одбележува 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав на земјата на 17 ноември 1991 година, што претставува пресвртница во зацврстувањето на нејзината независност и поставувањето на темелите на нејзиниот уставен поредок. Овие две годишнини, секоја одбележувајќи поглавја од модерната историја на нашите земји, не потсетуваат на заедничката важност на слободата, демократијата и правото на нациите сами да ја обликуваат својата иднина. Тие исто така ја потенцираат трајната вредност на европската перспектива што продолжува да нè обединува.

Денес, 37 години по настаните од 1989 година, стоиме во Скопје со истата порака. Триесет и седум години претставуваат една цела генерација – генерација родена во свет обликуван од надежите од 1989 година, која сега чекори напред за да ја преземе клучната лидерска одговорност. Тука сме за да потврдиме дека слободата и европската интеграција не се привилегии на одбраните, туку природно право на оние кои се подготвени да работат за нив.

Европа не е целосна без Западен Балкан

Историјата не научи една клучна лекција: безбедноста, стабилноста и просперитетот на Централна Европа се директно поврзани со стабилна и просперитетна Југоисточна Европа. Западен Балкан не е „задниот двор“ (периферија) на Европската Унија – тој е дел од нејзиното срце.

Свесни сме дека патот на Северна Македонија кон ЕУ беше долг и често придружуван од фрустрации, замор и непропорционални пречки. Сепак, ние во Централна Европа од прва рака искусивме дека интеграцијата не значи само исполнување на техничките критериуми кон Брисел. Туку претставува трансформација на општеството за доброто на неговите граѓани – за силно владеење на правото, независно судство, модерна економија и реални можности за помладата генерација.

Напредокот во ЕУ интеграциите зависи од исполнувањето на договорените услови, без разлика дали ги поздравуваме или не. Како земји од В4, ние не настапуваме со менторски тон кон Северна Македонија ниту пак и наметнуваме услови. Наместо тоа, нудиме нешто многу повредно: нашето автентично искуство. Знаеме што е потребно за да се најде пат низ комплексните реформи, но исто така знаеме дека резултатот – безбедна и економски силна земја во рамките на ЕУ – е вреден за трудот.

Заеднички интерес за силна и обединета Европа

Во денешниот геополитички турбулентен свет, не можеме да си дозволиме ниту колебање ниту вакууми. Непријателите на демократијата и стабилноста демнеат при секој знак на слабост. Затоа, интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија не е само македонски национален интерес, туку и геополитички императив за земјите од Вишеградската група и за цела Европа.

17 ноември не потсетува дека дури и највисоките бариери и најдлабоките поделби можат да се надминат ако постојат решеност, надеж и непоколеблива волја.

Северна Македонија презеде историски чекори и направи жртви на својот евроатлантски пат кои заслужуваат длабока почит. Сакаме да ве увериме дека не сте сами на ова патување. Земјите од Вишеградската група остануваат ваши цврсти сојузници, гласни застапници во Брисел и партнери во градењето обединета, слободна и безбедна Европа.

Демократијата не започнува ниту завршува со еден единствен ден – таа е постојана борба. И во таа борба, ние цврсто стоиме покрај вас.

Амбасада на Република Словачка