Како што информира владината прес-служба, на состанокот е констатирано дека политиките на дијалог отвораат перспективи за нашата држава и за целиот регион, а Соединетите Американски Држави, како што е соопштено, се заинтересирани за позитивни процеси во регионот.
– Во таа насока е пренесена поддршка од САД за натамошен напредок на Северна Македонија, по НАТО – и во процесот на европските интеграции. При тоа е изразена заедничка согласност дека е време да продолжи проширувањето на ЕУ, коешто ќе значи охрабрување за целиот Западен Балкан, заедно со НАТО-перспективите, државите од регионот да продолжат да се развиваат според демократските вредности, се наведува во соопштението.
Премиерот Заев се заблагодари на големата поддршка од САД, како клучен стратешки партнер во развојот и во демократизацијата на Северна Македонија, и најави дека нашата држава и натаму ќе дава аргументи за да продолжи поддршката од САД и од меѓународните пријатели.
– Фокусирани сме кон позитивен развој на настаните во врска со следниот чекор во евроинтеграциите, како и кон развојот на добрососедските односи со Бугарија. Продолжуваме и со реформското темпо, како и со борбата со криминалот и корупцијата. Владата е цврсто определена кон поддршка на независноста на судството и еднаквост на секого пред законите. Со смирувањето на пандемијата очекуваме засилување на темпото на големиот инвестициски план што го имаме, а чијашто цел е унапредување на животниот стандард на граѓаните на економски план и според европските вредности, рече премиерот Заев.
На состанокот е поздравена определеноста на Владата кон успешно справување со криминалот и корупцијата. Исто така, заеднички е оценето дека е важно сите политички субјекти да дадат свој придонес во Парламентот, за прашањата од полза на граѓаните.
– Градењето консензус и политичкиот дијалог се здрави за секое демократско општество и како земја членка на НАТО и држава којашто има за цел да стане членка на ЕУ, силно сме посветени на ваквиот начин на работа, рече претседателот на Владата.
Владината прес-служба во известувањето наведува дека на средбата е разговарано и за можностите за унапредувања на соработката помеѓу САД и Република Северна Македонија, во областа на здравството, енергетиката, економијата, како и за подготовките за претстојните локални избори во нашата држава.