Администрацијата на Трамп менува 30 амбасадори
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започнува со повлекување на околу 30 дипломати од кариера од амбасадорски и други позиции во американските дипломатски претставништва ширум светот. Промените се дел од пошироките напори за преобликување на дипломатската мрежа и поставување кадар кој целосно ги поддржува приоритетите на политиката „Америка на прво место“, пренесува Бета, повикувајќи се на Асошиејтед прес. Меѓу нив е и амбасадорката во земјава, Ангела Агелер.
Мандатите завршуваат во јануари, дипломатите се враќаат во Вашингтон
Според изјави на двајца официјални претставници на Стејт департмент, кои побарале анонимност, шефовите на мисии во најмалку 29 земји минатата недела биле известени дека нивните мандати ќе завршат во јануари. Засегнатите дипломати не ја губат својата работа во службата за надворешни работи и, доколку сакаат, ќе се вратат во Вашингтон на други должности.
Сите амбасадори кои се повлекуваат биле назначени за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, но останале на функциите и по првичната смена на политички именувани функционери на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари.
Африка најпогодена, смени и во Европа и Азија
Стејт департментот не соопшти конкретен број на амбасадори и персонал опфатени со одлуката, наведувајќи дека станува збор за стандарден процес во секоја администрација. Како што беше соопштено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да осигура дека во тие земји има поединци кои ја унапредуваат неговата агенда ’Америка на прво место‘“.
Најголем број смени се регистрирани во Африка, каде се повлечени амбасадорите од Бурунди, Камерун, Зеленортските Острови, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда. Во Азија, промени ќе има во Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам. Во Европа се најавени смени во Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и Словачка, додека на Блискиот Исток промените ги опфаќаат Алжир и Египет. Во Јужна и Централна Азија опфатени се Непал и Шри Ланка, а во Западната хемисфера Гватемала и Суринам.
