Додека глобалната енергетска криза предизвикана од конфликтите на Блискиот Исток и во Украина продолжува да врши притисок врз светските берзи, Македонија се издвојува како земја со најповолни цени на горивата во целиот регион.
Според анализата на „Би-би-си“ на српски јазик, цената на бензинот кај нас е за дури 24 отсто пониска отколку во Србија, додека кај дизелот разликата е уште подрастична – во Србија овој енергенс е поскап за над 30 проценти во однос на македонскиот пазар.
Како дел од мерките за заштита на стандардот на граѓаните, Владата на Македонија донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за бензинот и дизелот од 18 на 10 проценти.
Оваа мерка, која стапи во сила на 23 март, има за цел да го ублажи ценовниот шок, а властите во Скопје најавија дека постои можност за нејзино продолжување доколку состојбата на пазарите остане нестабилна.
Според специјализираната страница cene-goriva.com, Македонија е клучна дестинација за возачите од Србија и Грција токму поради пониските акцизи и државната регулација на цените.
Официјални цени во Македонија (Важат од 24.03.2026)
Според последните податоци на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажните цени на нафтените деривати изнесуваат:
ЕУРОСУПЕР БС – 95: 86,5 ден/л
ЕУРОСУПЕР БС – 98: 88,5 ден/л
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 95,5 ден/л
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 92,0 ден/л
Мазут М-1 HC: 51,073 ден/кг
Состојбата во регионот: Ограничувања и пазарни предизвици
За разлика од воспоставениот систем на единствени цени во Македонија, соседните земји воведуваат различни рестриктивни мерки за да се справат со енергетските предизвици:
Србија: Владата во Белград уште од март 2022 година применува неделно ограничување на цените. Актуелната максимална цена на евродизелот изнесува 213 динари (околу 112 денари), додека бензинот се продава за 188 динари (околу 99 денари).
Поради високите трошоци, српските земјоделци добиваат субвенциониран дизел за да ја реализираат пролетната сеидба.
Босна и Херцеговина: Состојбата е дополнително усложнена поради внатрешната административна поделба. Двата ентитета – Федерацијата БиХ и Република Српска – ги ограничија трговските маржи на 0,25 конвертибилни марки по литар (0,5 евра), но контролата на терен е тешка.
Инспекциите неодамна казнија секоја четврта бензинска пумпа во Република Српска и секоја трета во Кантонот Сараево. Забележан е феномен каде цените значително варираат дури и на пумпи во иста населба.
Словенија: Словенија стана првата земја-членка на Европската унија (ЕУ) која воведе порационална потрошувачка на гориво за да се решат нарушувањата предизвикани од американско-израелските напади врз Иран и нивната одмазда кон нивните сојузници во Персискиот Залив – поголемиот дел од главните играчи на светските енергетски пазари.
Поради порастот на цените на горивото, Словенија се соочи со таканаречениот „туризам за гориво“
Поради порастот на цените на горивото, Словенија се соочи со таканаречениот „туризам за гориво“, бидејќи возачите од соседните земји, особено од Австрија, ги користат предностите на пониските, регулирани цени во Словенија.
Според последните мерки, возачите на приватни автомобили во Словенија максимално можат да купат 50 литри гориво дневно. Компаниите и земјоделците можат дневно да купат до 200 литри.
Хрватска: Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на 23 март објави нови мерки, меѓу кои и задржување на цените на струјата и гасот кои ќе важат до крајот на септември 2026 година. Како причина ја наведе „многу сериозната ситуација на Блискиот исток“.
Црна Гора: Од 23 март, цената на литар бензин (евросупер 95) во Црна Гора изнесува 1,52 евра, што е пораст од 9,4 отсто во однос на пред еден месец и дури 12,6 отсто во однос на цените од пред три месеца, според сајтот Globalpetrolprices.com.
Бензин Евросупер 98 сега чини 1,56 евра по литар, што е поскапо за пет центи отколку досега.Поскапе и евродизелот.Евродизелот сега чини 1,57 евра по литар и е поскап за седум центи отколку пред две недели, објавија подгоричките „Вијести“.
Куповна моќ: Кој полни најмногу со една плата?
Иако Македонија има најниски цени по литар, куповната моќ варира низ регионот поради висината на примањата. Словенците со просечна плата од 1.650 евра можат да купат над 1.000 литри гориво. Хрватите со нивниот просечен доход полнат околу 940 литри дизел.
Србија се наоѓа на средината со капацитет од 630 литри бензин, додека најлоша е состојбата во Босна и Херцеговина, каде со една просечна плата може да се купат помалку од 500 литри дизел.
Светот со загриженост следи што се случува во Ормуската Теснина, преку која поминува петтина од светската нафта. Иранската контрола врз овој канал претставува стратешка закана за глобалното снабдување.
Лари Финк, шеф на финансискиот гигант „Блекрок“ (BlackRock), предупредува дека доколку цената на нафтата достигне 150 долари по барел, тоа ќе предизвика глобална рецесија со длабоки последици врз светската економија, посочува „Би-би-си“ на српски јазик.
Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, оцени дека сегашната криза е потешка од нафтените шокови во 1970-тите. Тој нагласи дека светот во моментов губи околу 11 милиони барели дневно, што е повеќе од двата големи нафтени шока заедно.
