Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека мерењата на амбиенталниот воздух во населбата Трубарево, спроведени преку автоматските мерни станици на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, не покажале отстапувања од законски дозволените вредности.
Според објавените податоци, просечната дневна концентрација на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM₁₀) во текот на вчерашниот ден изнесувала 19.7 µg/m³, додека максималната измерена вредност достигнала 39 µg/m³. Во моментов, концентрацијата е на ниво од 7.5 µg/m³.
Од Министерството потенцираат дека досегашните резултати укажуваат на тоа дека нема регистрирано надминување на праговите на загаденост.
„Остануваме посветени на редовно следење на квалитетот на воздухот и навремено информирање на јавноста. Преку транспарентност и континуиран мониторинг обезбедуваме заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“, се наведува во соопштението.