Веќе неколку пати се шпекулира дека Карло Анчелоти ќе седне на клупата на бразилската фудбалска репрезентација, а сега тоа доби и потврда.

Веста дека тренерот на Реал Мадрид ќе биде селектор на една од најдобрите фудбалски репрезентации во светот, ја потврди претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација Едналдо Родригеш.

Тој го официјализираше назначувањето на Фернандо Диниз за привремен селектор на Бразил до јуни 2024 година.

Тогаш петкратниот шампион на планетата ќе го преземе Анчелоти, кој ќе го предводи Бразил на Копа Америка, што е на програмата во САД од 20 јуни до 14 јули следната година.

Постои можност тоа да биде и пред јуни, доколку Анчелоти порано го напушти Реал, за што ќе биде потребно да има лоши резултати или да ги наруши односите со управата на клубот. Тоа дури и не изгледа како невозможна опција, бидејќи Италијанецот е незадоволен од состојбата на клубот, лошиот преоден рок и тоа што сè уште нема напаѓач, по заминувањето на Карим Бензема во Ал Итихад.