Министерот за дигитална трансформација по повод Илинден во Смилево изјави дека идеалот на Даме Груев продолжува преку нас
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, положи цвеќе по повод Илинден во Смилево, нагласувајќи ја историјата и симболиката на овој ден. Тој изјави дека секој камен и секоја педа од земјата сведочат за борбата и жртвата на генерациите кои ја предводеле македонската државност.
„122 години од Илинденското востание и 122 години од Смилевскиот конгрес! Од славното Смилево, местото каде што секој камен зборува, а секоја педа од земјата сведочи за борбата, визијата и жртвата на оние кои пред 122 години го поплочија патот на македонската државност“, објави Андоновски.
Тој посочи дека визионерот на македонската борба, Даме Груев, ја пренел суштината на стремежот за слобода со зборовите: „Македонија ќе ја ослободи самиот македонски народ, со сопствени сили и со своја крв.“
„Ние денес сме доказ дека тој идеал не згаснал – туку продолжува преку нас“, истакна Андоновски.
Во објавата ја додаде и пораката: „Вечен да е Илинден, вечна да е Република Македонија.“