Македонските компании сè повеќе користат дигитални алатки, но примената на вештачката интелигенција во развојните процеси и користењето на платформите за електронска трговија сè уште се недоволни. Без вложувања во дигитална трансформација и обука на вработените, компаниите ќе имаат сè поголеми тешкотии да растат и да останат конкурентни, предупреди министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
На конференцијата посветена на градењето силни македонски брендови, развојот на компаниите и нивното позиционирање на меѓународните пазари, беше истакната потребата бизнисите да ги следат технолошките трендови и да ја применуваат вештачката интелигенција за да бидат поконкурентни.
Андоновски посочи дека, иако македонските компании користат дигитални алатки, тие сè уште недоволно ја применуваат вештачката интелигенција во развојот на своите производи и услуги. Дополнително, недоволно ги користат платформите за електронска трговија за промоција и продажба на производите на домашниот и на странските пазари.
– Македонските компании имаат и користат дигитални алатки, но, за жал, недоволно користат вештачка интелигенција во рамките на процесите на развој. Истовремено, недоволно ги користат платформите за електронска трговија за да ги промовираат своите производи прво во државата, а потоа да станат конкурентни со истите стандарди и во странство – изјави Андоновски.
Според него, дигитализацијата не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција во идниот развој на компаниите.
– Оние компании што нема да вложуваат во дигиталната трансформација, во напредната употреба на вештачката интелигенција и во обука на својот кадар, нема да можат да напредуваат, да растат и да се развиваат. Голем дел од нив за 10 години од денес нема да постојат – предупреди министерот.
Андоновски очекува промоцијата на мобилната апликација „м.Услуги“ дополнително да ги поттикне банките да развиваат софтверски решенија за прифаќање електронска лична карта, што, според него, би имало позитивно влијание и врз компаниите.
