„Вештачката интелигенција“ – Моќна, но и ризична технологија

Букурешт оваа недела е во фокусот на глобалната технолошка јавност со одржувањето на престижниот „Импакт самит“, каде меѓу учесниците се најде и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

На панел-дискусијата „Вештачка интелигенција – револуција, апокалипса или големо разочарување?“, Андоновски нагласи дека вештачката интелигенција е револуционерна алатка што може длабоко да ги промени економиите и општествата.

„Вештачката интелигенција е револуционерна технологија со потенцијал да ги трансформира економиите и општествата. Но, не смееме да дозволиме нејзината брзина на развој да ја надмине нашата способност за одговорно управување“, изјави министерот.

Тој додаде дека Владата веќе работи на создавање правна, етичка и технолошка рамка за безбедна и инклузивна примена на вештачката интелигенција во јавниот сектор.

Настанот во Букурешт собра светски лидери, експерти и визионери од технологијата, политиката и бизнисот. Посебно внимание привлече обраќањето на Мишел Обама, која зборуваше за влијанието на новите технологии, лидерството и иновациите, а на отворањето свое излагање имаше и градоначалникот на Букурешт, Стелијан Бујдувеану.