Системот го елиминира заборавените предмети и ја зголемува транспарентноста

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во емисијата „За или против“ на Телевизија Алфа истакна дека Националниот документ менаџмент систем (еДМС) значително го зголемува редот и ефикасноста во институциите, спречувајќи загуба или заборавање на предметите. Според него, овој систем е клучен и за борбата против корупцијата, како и за подобрување на меѓуинституционалната комуникација.

„Ние имаме Национален Документ менаџмент систем со електронска архива, кој што автоматски кога ќе внесете предмет во архива, таа му доделува број и никој веќе не може да го изгуби тој предмет, не може тој предмет да се заборави, да биде во фиока. Точно се знае кога ќе влезе предметот во институцијата, каде е тој распределен, кој е одговорен за него и колку време стои во определена фаза на постапката. Многу е едноставен продуктот, којшто го имаме, јас кога дојдов во институцијата еДМС го користеа околу 20 институции, денес веќе активно имаме 45. Во тие 20 институции бројот на предмети е пораснат на околу 60.000, што значи скоро е триплирана фреквенцијата. И ако сме имале 0,1 или 0,2 нови институции месечно приклучени – денес имаме во просек 4 нови институции месечно“, рече Андоновски.

Предлог за воведување и во Јавното обвинителство

Андоновски нагласи дека еДМС може да се користи и во Јавното обвинителство за целосно електронско архивирање на предметите и за елиминирање на можноста за нивно заборавање или загуба.

„Мојот предлог е и јавното обвинителство да го преземе овој наш систем и целата документација електронски да ја архивираме, за секој нов предмет кога ќе пристигне во ЈО како кривична пријава или претставка од граѓани, тој веднаш да биде електронски заведен. Тогаш веќе нема да може определни обвинители да заборават предмети, да ги изгубат, а раководителите во обвинителството ќе може да ги следат тие предмети. На тој начин бришеме уште една можност за корупција“, посочи министерот.

Брзина и ефикасност во институциите

„Со еДМС ја забрзуваме оперативноста и транспарентноста во работата на државните органи, што значително ја намалува можноста за манипулација и за корупција“, додаде Андоновски, нагласувајќи дека системот им овозможува на институциите предметите да патуваат со секунди, а не со денови.