Мостот „Беласица“ во овој момент се вештачи од страна на врвни стручни лица, професори, кои ќе ја утврдат штетата. Се надевам дека веќе следната недела ќе имаме информации колкава е штетата и колку време ќе биде потребно истата да биде санирана, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов во одговор на новинарско прашање.
Ангелов потенцираше дека другите мостови во градот се безбедни. Напомена дека како ЦУК, поднеле барање до Градот Скопје да извршат вонредна проверка, но и барање до МВР да проверат дали по другите мостови во градот престојуваат бездомници или друг тип на лица кои можат да ја загрозат безбедноста на мостот.
Мостот „Беласица“ во овој момент се вештачи. Се додека не се утврди колкава е штетата, се што ќе кажеме е непотврдено и ќе дојде во ранг на шпекулации. Добро е тоа што другата страна на мостот од страна на Железничката станица не е оштетена. Оштетета е само страна од Ист Гејт, каде што пожарот всушност и започнал. Што се однесува до другите мостови во градот, тие се безбедни. Но, доколку под мостот нема горливи материи, луѓето не можат туку така да ја загрозат безбедноста на мостот, рече Ангелов.
Според Ангелов, проблемот кај овој мост е тоа што под него минуваат големите цевководи по кои поминуваше топлата вода од Топланата.
Прашан кој го врши вештачењето на мостот, Ангелов посочи дека прашањето треба да се упати до Градот Скопје, но според неофицијални информации, се работи за врвни професори.
Инаку, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на прес-конференција рече дека нема нарушување на структурниот интегритет на мостот „Беласица“.
Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот, посочи градоначалничката.