-Со години наназад внимателно работам и придонесувам во процесот на помирување и одеднаш со силна дразба се појавува директорката на Клиничкиот центар во Скопје, актуелен член на управниот одбор на Македонски телеком и активистка на ДУИ, Шкодране Дардишта, чија што заканувачка изјава на нејзиниот фејсбук-профил едноставно ме тера да и одговорам во нејзин стил, уверен дека ваквата популистичка, заканувачка и распалувачка реторика веќе не минува кај мнозинството македонски граѓани.
Г-ѓо Шкодране Дардишта, вие можеби се уште ги имате вашите стари чизми на таванот во старата куќа но ние, во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаме нови гојзерици. Верувам дека некои од вас се уште ги кријат и своите стари пушки но ние, во нашата заедничка македонска Армија имаме современо оружје и воена техника. Можеби вие сте подготвени за час да ги извадите белите патики и да облечети чизми но некои од нас чизмите не ги соблекоа никогаш. Патем, вашите некогашни пријатели денес се и наши пријатели а нашата заедничка држава денес е членка на НАТО.
Понатаму, зборувате дека вие не сте сираци и сте никнале после војна но не заборавајте дека нашите храбри предци, комитите и партизаните, низ многу крв, страдање и смрт, на парче македонска земја, успеале да создадат наша, македонска држава, држава која ние, македонските бранители, во 2001-та успеавме да ја одбраниме од вас, за денес да биде наша заедничка татковина, татковина на сите луѓе кои живеат во неа. Македонија а не Илирида како што пишувате вие.
Вашиот текст го завршувате заканувајќи се: „Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорете во него“. Јас би ви препорачал да го намалите вашето „патриотско” доживување бидејки обидот за обезбедување на ново парламентарно мнозинство, колку да не ви се допаѓа вам, е сепак само обичен политички, демократски процес во кој учествуваат и две партии на Албанците од Македонија. Или, можеби тие се помалку Албанци од вас?
Г-ѓа Шкодране, на нашата заедничка татковина, Македонија, и треба стабилност, безбедност и мир, членство во ЕУ, демократија и економски напредок. За жал, изјави како вашите не водат во тој правец. Затоа сосем за крај, апелирам до вас, бидете дама, оставете ја воинствената и распалувачка реторика на која најчесто наседнуваат младите, и, наместо со закани за војна, против политичките процеси борете се со политички и демократски средства, напиша Ангелов на својот фејсбук профил.
За претходниот пост и заканата на Шкодране Дардишта од ДУИ може да погледнете тука.