Состојбата со водата во Гостивар постепено се стабилизира, бројот на бактерии е значително намален, но забраната за пиење и готвење и натаму останува во сила, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Кризниот штаб, Стојанче Ангелов.
Според него, водата во моментов може да се користи како техничка, а конечната одлука кога повторно ќе биде дозволена за пиење ќе ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Ангелов изрази оптимизам дека тоа би можело да се случи наредната недела, доколку анализите продолжат да покажуваат подобрување.
Тој појасни дека бактеријата откриена во водоводот била присутна во многу мала количина, но и тоа било доволно водата да не биде погодна за пиење. По подолгото хиперхлорирање, состојбата е значително подобрена, но потребно е најмалку три дена по ред анализите да покажат дека нема присуство на бактерии.
Потоа, како што објасни Ангелов, треба да се намали и вишокот хлор што намерно бил внесен во системот за уништување на бактериите, по што АХВ ќе утврди дали водата е безбедна за пиење.
„Се започнува од овој проблем. Нема доволно вода во водоводниот систем поради што и неколку лица од Водовод ги ставиле несреќно оние цевки во отворена вода за дотур на вода во Градскиот водовод“, рече Ангелов.
Тој смета дека треба да се утврди и зошто водоводниот систем во Гостивар досега не бил реконструиран и очекува кривична одговорност за случајот.
„Мислам дека ќе бидат покренати соодветни кривични пријави од страна на Јавното обвинителство, така што повеќе од сигурно ќе има одговорност и кривична. Затоа што е недозволиво ваквото однесување на локалната власт, иако еве последниот градоначалник е релативно кратко време, но ова е позиција за да може нешто да промени“, рече Ангелов.
Осврнувајќи се и на пожарите, Ангелов изјави дека нивниот број летово е речиси ист како минатата и предминатата година, но дека реакцијата на институциите оваа година е побрза и поефикасна.
„Направивме одредени законски измени, она сè што беше во надлежност на Владата е максимум преземено. Од аспект на ресурси исто така сме подобрени, или барем оние ресурси коишто ги имаме ги ставивме во функција. За првпат после долги години, трите ер-трактори беа подготвени за дејство со три пилоти на почетокот на сезоната, значи на почетокот на јуни пред да започнат пожарите. Тие ја имаат можеби и клучната улога, покрај локалните пожарникари, да не дозволиме ширење на пожарите, односно само неколку пожари да излезат од контрола, условно кажано, и да направат посериозни пожари“, рече Ангелов.
Според него, брзото вклучување на ер-тракторите им овозможува на локалните пожарникари да ги совладаат пожарите уште во почетната фаза, пред да се прошират на поголеми или тешко пристапни површини.
